Се воведува ред во такси превозот во Велес

06.12.2014 14:30

Таксистите кои покрај лиценцата сега имаат и сертификат, очекуваат многу скоро надлежните да воведат ред и во оваа дејност...

Со поделени 150 сертификати за авто- такси возач, Велес е водечката општина во Македонија. За првиот човек на градот ова е добра основа за отпочнување на решавањето на проблемите поврзани со такси превозот. Нелојалната конкуренција или присуството на диви таксисти секако е приоритет.

„Ќе мораме да го решаваме тој проблем бидејќи регуларните авто- такси превозници ќе можат да покренат спор против Општината доколку не им се створат услови за работа“, изјави Славчо Чадиев, градоначалник на општина Велес.

Таксистите кои покрај лиценцата сега имаат и сертификат, очекуваат многу скоро надлежните да воведат ред и во оваа дејност.

„Имаме паркинг простори каде треба да паркираме, а прашање е дали можеме да паркираме, тие се узурпирани од нелегални таксисти и од физички лица кои ги паркираат своите возила“, вели Тони Јосифов, такси возач.

Прво лиценца, па сега сертификат- се става ред во такси превозот велат оние кои најчесто го користат, иако признаваат дека во исклучителни случаи користат услуги и на нелегалните  таксисти.

„Се возам со такси имаат документација“. 

„Секако со легалните по можност“.

„Не гледам легален нелегален колку ќе ми побараат плаќам“.

„Лиценцирани, имаме одредени фирми, такси превозници кои ги повикуваме и тие доаѓаат“, велат анкетираните велешани.

За добивање на сертификатот, такси возачот полага писмен испит. Одговара на прашања од областите безбедност на сообраќајот на патиштата и превоз на патниците. 

Општината има издадено 250 лиценци, додека реалната бројка на такси возила низ велешките улици е за неколку пати поголема.

 

Дијана Иванова