Училиштето во Кривогаштани доби енергетски ефикасна фасада

06.12.2014 15:09

Инвестицијата чини 120.000 американски долари, од кои 100 илјади се на УСАИД, а 20 илјади вложи Општината. Ова е дел од проектот за борба со климатските промени...

Основното училиште во Кривогаштани, со помош на пари од УСАИД доби комплетно нова енергетски ефикасна фасада, нови прозорци, и за прв пат во неговата историја систем на парно греење. Инвестицијата чини 120.000 американски долари, од кои 100 илјади се на УСАИД, а 20 илјади вложи Општината. Ова е дел од проектот за борба со климатските промени.

„Бенефитот од овој проект е во тоа што општината соработува со граѓаните за да изнајдат решенија за подобрување на условите на живот во општината и да се адаптираат на климатските промени и на се поекстремните резултати кои ги добиваме од нив“, истакна Џејмс Стаин, директор на мисијата на УСАИД во Македонија.

Над 315 деца кои учат во ова училиште сега ќе имаат многу подобрени услови за работа.

„Со самото инсталирање на системот за парно греење, и енегетски ефикасната фасада заштедите за училиштето ќе бидат некаде околу 30 проценти, а се намалуваат и другите торшоци за одржувањето на целиот тој систем“, изјавиТони Заткоски, градоначалник на Општина Кривогаштани.

Освен оваа од Владата најавија дека наскоро во кривогаштани ќе има и нови инвестиции во образованието.

„Во многу скоро време се очекува во рамките на ова училиште во Општина Кривогаштани да се започне со изградба на нова спортска сала како дел од проектот за изградба на 145 спортски сали, инвестиција која ќе чини 24 милиони денари“, рече Спиро Ристовски, заменик министер за образование.

Освен во Кривогаштани најавени беа инвестиции училиштата и во другите населени места во општината.

Од општината најавија дека од наредната година се очекува да започне изградбата на новата енергетски ефикасна фасада во училиштето во село Обршани, како и комплетно заменување на системот за парно греење во ова училиште.

 

Дарко Штаргоски