Економија

ЕБОР: Железничката врска со Бугарија – нова порта кон ЕУ

06.12.2014 16:43

Железничката пруга кон Бугарија ќе и отвори на Македонија нова порта кон ЕУ – велат од Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој за Македонската телевизија. Протокот на стоки ќе биде олеснет, економијата ќе довие нов импулс…

Нова рута за македонските производи и пристап до пристаништето во Бургас, заштеда на време и пари, побрз и поекономичен транспорт. Ова се очекуваните ефекти од реализацијата на новата железничка врска со Бугарија. Од канцеларијата на ЕБОР во Скопје, со чии заеми се гради пругата, за МТВ велат дека овие капитални проекти ќе бидат голем плус за домашната економија.

„Овој коридор и железничко поврзување со Бугарија ќе претставува нова порта кон ЕУ, нова врска со турскиот пазар. Нашите пресметки покажаа дека за 1,5 час ќе се скрати патот до Истанбул, што значи дека на нашите стопанственици ќе им се отворат дополнителни можности да ги развиваат своите бизниси“, изјави Билјана Милошеска, виш банкар во канцеларијата на ЕБОР во Скопје.

На терен, првата делница се гради под полна пареа, за втората е потпишан договорот за заем од 145 милиони евра. Реализацијата треба да стартува на лето, што значи дека и првата и втората делница ќе се градат паралелно. За овој коридор,  ЕБОР обезбеди и неповратни средства од 10 милиони евра, пари кои се надвор од заемите и кои се наменети за подготовка на проектите.

„Се работи за едно партнерство во кое Банката ги поддржува стратешките приоритети на Владата. Не чека многу работи, како на железницата, така и на патиштата и веруваме дека овие инвестиции ќе овозможат побрз економски развој“, додава Милошеска.

ЕБОР повеќе од две децении финансира проекти во земјава. Досега во приватниот и во јавниот сектор на Македононија, Банката има пласирано повеќе од милијарда евра.

 

Мартин Пушевски