Деликвенти: Малку години, многу кривични дела
Отидоа зад решетки двајца малолетници кои успеале за нивните 15 години да направат над 20 противзаконски дејствија. Психолозите ова го толкуваат како искажување на потиснат бес и можност да бидат познати без разлика дали по добро или по лошо...

Седмоодделенец од Тетово со пиштол му се заканувал на соученик. Дванесет годишното момче пиштолот го украло од дома. Додека надлежните од Тетово работат на случајот, ист ден, во Скопје, двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години за 22 кривични дела добија кривична пријава и 30 дневен притвор.
„Кривичните дела ги извршиле кон крајот на минатиот месец. Прво пријавениот и е познат на полицијата. Во минатата година против него биле поднесени две кривични пријави“, изјави Дејана Недељковиќ, МВР.
Ова е само дел од прекршоците на малолетници во едно деноноќие. Радмила Живановиќ, со години работи со младите, вели дека ним им е многу битно да бидат слушнати, без оглед колку голема грешка направиле.
„Се повеќе и повеќе ќе бидеме сведоци на вакви случувања. Сиот тој потиснат бес и лутина ќе најдат начин да го искажат“, смета Радмила Живановиќ, психолог и психотерапевт.
Само што зачекориле во животот, а веќе многупати се судриле со законот. Тоа е веќе сериозен проблем кој произлегува од дисфункционалноста на семејството, од врсничките групи.
Тепачките, грабежите, дрогата, не им се непознати на дел од малолетниците. Само поради тоа што се уште се деца, не се зад решетки. Некои од нив имаат и по 180 прекршоци.
Некои од малолетниците кои ги полнат црните хроники завршуваат во воспитно поправните установи, 20 проценти од нив не успеваат да се социјализраат и завршуваат во затвор.
Наташа Јанчиќ
