Чамци и глисери made in Струга

06.12.2014 17:20

Чамци и глисери со сертификат за безбедност. Најновата програма на струшки Унипласт можеби нема да исфрли јахти како на светските милијардери, но сепак ќе биде гордост за македонското стопанство. Засега ќе пловат по нашите езера, но според амбициите, во иднина сигурно ќе ги има и во поголемите води...

Од стаклено влакно или армиран полиестер до чамец или било кој друг производ од полиестер е креативната работа која ја работат во струшката Унипласт. Посебна гордост за нив претставува изработката на чамец или глисер. Иако има неколку погони во нашата држава за изработка на чамци, сепак Унипласт се единствени по едно нешто.

Фабриката за производи од полиестер Унипласт од Струга е единствената ваква фабрика во нашата држава која произведува пловни објекти кои поседуваат сертификат за безбедност при пловидба.

Основниот сертификат без кој неможе ниту еден брод или чамец да влезе во вода и да плови е зелен картон за оваа фабрика во Струга која произведува чамци и глисери не само во нашата држава туку и во Европската унија.

„Од оваа година после една година преговори треба да се обнови производството на чамци и глисери кои што претходно ги произведувавме за Холандија и поради економската криза тоа производство потполно замре. Од оваа година треба да почнеме со пробно производство на глисери за Бугарија“, вели Бојан Ковачески, сопственик на струшката фабрика за полистер, Унипласт.

Можеби јахтите не се како оние на светските милионери, но ако има потреба и пазар за истите, тие можат веднаш да бидат ставени на дизајнерската хартија, а потоа и на производствена лента, на шега додаваат од таму.

Унипласт е основана во 1986 година и од тогаш до денес е во постојан развој следејќи ги сите модерни трендови како и употребата на материјали и нови технологии за производство.

Моментално Унипласт од Струга изработува широк спектар на делови за автобуси на Белгиската Ван Хул во Скопје.

Јованчо Наумоски