Новиот државен грб го покажува европскиот стремеж на Македонија

06.12.2014 17:56

Црвен разгневен лав на жолта основа со мурална круна во облик на тврдина – вака се предлага да изгледа новиот државен грб на Mакедонија.Владата го усвои. Ќе оди на јавна дебата и на усвојување во парламентот. Потребно е двотретинско и бадентерово мнозинство. Уставот нема да се менува...

На златно- жолто поле разгневен црвен лав. Штитот крунисан со златно- жолта круна со пет кули, украсена со рубини и бисери од Македонија. Вака изгледа предлогот на Владата за новиот изглед на државниот грб. Портпаролот Александар Ѓорѓиев вели дека на овој начин ќе се постигне поголема обединетост на граѓаните поради елементите кои ги содржи.

Ѓорѓиев објаснува дека граѓаните нема да имаат обврска веднаш да ги менуваат своите лични документи, бидејќи тие што ги имаат ќе бидат валидни се до рокот на истекување.

Ќе следува јавна расправа за новиот изглед на државниот грб. За да се промени симболот, не е потребна измена на Уставот, туку двотретинско и бадентерово мнозинство во Парламентот.

Надлежните велат дека со неговото донесување, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори.

 

Викторија Тодоровска