Расте интересот за претприемништво кај младите

06.12.2014 18:58

Претприемништвото е двигател на развојот и на примената на најновите технологии. Само 2 до 3 проценти од младите имаат желба да влезат во претприемничките води и на нив им стојат на располагање бројни програми за едукација и можности за обуки во земјава и надвор од неа...

Младите во земјава се заинтересирани за претприемништвото далеку повеќе отколку во другите земји од регионот. Индексот за почетни претприемачи и сопственици на нови бизниси наречен ТЕА, во земјава изнесува 14,5% и е два и пол пати повисок од просекот на ЕУ од 5,85. Во регионот зад нас се Србија и Хрватска со 7,6 и БиХ со 9%. Словенија има индекс од 6,4%, а Грција од 9,9%. Работете го она  што најдобро го знаете е пораката за младите од поискусните.

„Инвестирај во она што знаеш да го работиш и работи го најдобро што знаеш. Не штедете се, кога работите нешто, дадете се од себе“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Специфично за Македонија е што младите на возраст од 18 до 24 години имаат еднаков интерес и решителност како и оние од 25 до 34 години. Досега 250 млади ги  посетиле обуките за претприемништво што ги организира Унијата на млади на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние веруваме дека ќе ги искористат знаењата кои ги добиле овдека, во однос на развивање на сопствената бизнис идеја, на сопствен бизнис план“, изјави Маре Ушковска, подпретседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Истражувањата покажуваат дека младите претприемачи полесно се решаваат да влезат во услужните дејности отколку во производните. Според нивото на образование, воочливо е дека младите со повисоко образование се похрабри и полесно влегуваат во претприемништвото.

 

Свето Николовски