Металург се врати од загубен меч со Мешков, на крајот реми

06.12.2014 22:34

Во драматичен меч во “Борис Трајковски“ во Скопје, гостите имаа предност во поголемиот дел од натпреварот, полувремето го добија со резултат 12 :14 а успешно го контролираа водството се до последните 5 минути...

Ракометарите на Металург одиграа нерешено 27 : 27 во дуелот со Мешков Брест, во 8 коло од Лигата на шампионите. Од бодот никој не е задоволен, затоа што и за двата тима остануваат само теоретски шанси за прогрес во осминафиналето. Во драматичен меч во “Борис Трајковски“ во Скопје, гостите имаа предност во поголемиот дел од натпреварот, полувремето го добија со  резултат 12 :14 а успешно го контролираа водството се до последните 5 минути.

Финишот наликуваше на дуелот кој Металург го доби со пресврт против Ла Риоха. Постојано притискаше и со серија од 3 гола преку преку Манасков, Мојсоски и Вугринец  на две минути пред крајот успеа да поведе со 27  : 26. По одбраната на Митревски имаа и напад во завршните 40 секунди, но ја загубија топката а Манојловиќ сурово казни со израмнувачки погодок во последната секунда. Најдобри поединци во редовите на Металург беа македонските репрезентативци Манасков со 8 гола, Мојсоски со 6 и Миркуловски со 5, а кај гостите најефикасен беше Стојковиќ кој 6 пати ја тресеше мрежата.