Голем потенцијал за спа- туризам во југоистокот на Македонија
Туристичките работници сметаат дека недостасуваат повеќе современи капацитети за привлекување на туристи...

Југоистокот на Македонија нуди огромен потенцијал за развој на бањскиот туризам, тврдат експертите. Бањата Банско во Струмица, Негорци во Гевгелија се два веќе готови капацитети.
Туристичките работници сметаат дека недостасуваат повеќе современи капацитети за привлекување на туристи.
„Интерес кај странските гости постои. Но, не е доволен само нивниот интерес кога пред се немаме добри сместувачки капацитети. Природни благодети за бањски туризам има, но мора да се вложи во модерни и современи спа центри и хотели. Верувам дека со културно историското наследство и природните убавини, бањскиот туризам може дополнително да донесе голем број странски, но и домашни гости“, вели Силвана Дедејска, туристичка агенција Нова Травел, Струмица.
Локалните власти во Гевгелија со урбанистичките планови предвидуваат изградба на спа центри кај Негорски бањи и во близина на геотермалните води кај Смоквица. Израелски бизнисмени пројавиле интерес за инвестиции во бањскиот бизнис.
Општините од југоистокот го препознаваат потенцијалот на туризмот. Во петгодишната стратегија, голем дел од проектите се врзани со оваа економска гранка.
Македонија има најмалку 50 потенцијални извори на геотермална вода. Најголемиот дел од педесетте откриени се наоѓаат во Источна Македонија. Анализите покажуваат дека температурите не се доволни за енергетско искористување, туку најидеални се за туризам.
Катерина Давчева
