Агроменаџментот го враќа интересот кај младите за земјоделското училиште

07.12.2014 15:51

Потценети, заборавени, неатрактивни се некои од стручните професии. Ако во минатото во ова училиште учеле по 600 ученици, лани се запишале едвај 80. Новата струка агроменаџмент ги привлече учениците...

Желбата да стане ветеринарен доктор беше причината поради која што  ученичката Елвира сега е дел од средното земјоделско ветеринарно училиште. Во иднина планира да работи како ветеринар, вели можностите што ги пружа оваа струка се иднина за младите.

„Сакам да продолжам да студирам на ветеринарниот факултет и да станам доктор на ветеринарна медицина“, вели Елвира Мековиќ,ученик во средно земјоделско училиште.

Со насмевка на лицето е и Ивона која е четврта година, ги совлада сите тајни во аграрот и хортикултурата. Ова вели ќе и помогне полесно да најде работа што ќе ја исполнува.

„Во разни расадници, а исто така праксата ја изучуваме и во училиштето, каде што декорираме, аранжираме...“, изјави Ивона Каровска, ученик во средно земјоделско училиште.

Потценети, заборавени, неатрактивни се некои од стручните професии. Ако во минатото во ова училиште учеле по 600 ученици, лани се запишале едвај 80. Новата струка агроменаџмент ги привлече учениците.

„Минатата година запишавме две паралелки во ветеринарно- земјоделската струка, од кои еден ветеринарен техничар и еден техничар за хортикултура, во просек по околу 50-тина ученици во двете паралелки“, изјави директорката на училиштето, Емилија Ангелова.

Практичната работа е составен дел од наставата вели професорот Горгески. Учениците се запознаваат и со европскиот аграр со новите проекти ги посетуваат европските фарми и плантажи, тоа е шанса за младите да се запознаат со европските искуства.

„Тоа се врзани денови во текот на годината кога учениците имаат запознавање со нови техники и вештини“, вели Кристијан Горгески, професор во средно земјоделско училиште.

Покрај одгледувањето на пченица, јачмен и винова лоза на околу 7,5 декари овие ученици за неколку месеци ќе добијат и мини зоолошка која што ќе им овозможи ветеринарното искуство да го стекнат уште во текот на школувањето

На 2.500 метри квадратни ќе се одгледуваат пони, срни, кози, фазани.

 

Дијана Ценевска