Старите автомобили ја намалуваат безбедноста во сообраќајот
Регистрација на автомобил во просек чини околу 200 евра. Техничкиот преглед открива неисправности кои бараат итна санација, па за да не плаќаат екстра, возачите често избегнуваат регистрација...
150 илјади автомобили постари од 2000 година се возат во државава, што е речиси половина од вкупниот број регистрирани. Тие се и помалку безбедни, првенствено заради честите дефекти и скапите резервни делови. Познавачи за МРТ велат дека тоа е причината што граѓаните често седнуваат зад воланот иако се свесни дека не е безбедно.
„Најчесто автомобилите на граѓаните кои доаѓаат на технички преглед и не го поминуваат, имаат проблем со кочниците или со воздушните гасови кои ги испушта возилото“, вели Росана Јанков, портпарол на АМСМ.
Регистрација на автомобил во просек чини околу 200 евра. Техничкиот преглед открива неисправности кои бараат итна санација, па за да не плаќаат екстра, возачите често избегнуваат регистрација.
„За првите девет месеци од оваа година понесени со 13.798 барања за поведување на прекршочна постапка за возила управувани без продолжена регистрација“, изјави портпаролот на МВР, Марија Јаковлевска.
Најстари автомобили се возат во Чаир. Центарци, пак се гордеат со скапи и модерни возила.
„99 % од возилата доаѓаат со над ЕУРО 4 стандарди, да има недостатоци, меѓутоа се најчесто на кочниот систем, меѓутоа тоа се отстранува. За емисијата на издувни гасови не сме нашле никаква замерка, затоа што возилата во Центар се и понови“, вели Душко Тодоровски, контролор во Станица за технички преглед.
Пасати, Мерцедеси, Голф 4-ки. Ова се најчестите модели на стари возила.
Автомобилите постари од 2000 година и натаму ќе се возат, но ќе се забрани нивниот увоз. Целта е да се подигне безбедноста во сообраќајот и да се намали емисијата на штетни гасови.
Тоа значи дека ако сакате да го користите автомобилот кој не ги исполнуваат ЕУРО 3 стандардите ќе мора да вградите специјален катализатор.
Анита Димитријевска
