Хагупит го опустоши истокот на Филипините
Најпогодени беа провинциите Самар и Лејте, каде што се забележани две жртви. Ветрот со брзина и до 200 километри на час ја уништи далноводната мрежа и остави илјадници луѓе без струја...

Тајфунот Хагупит протатне низ истокот на Филипините и остави штета зад себе. Над милион луѓе се евакуираа од крајбрежјето во прифатните центри и на повисоките места. Сега почнува обратна евакуација, поради страв од лизгање на земјиштето. Особено е опасно во околината на вулканот Мајон, еден од најголемите во земјата, каде што дождот и вулканската пепел можат да однесат се пред себе.
Најпогодени беа провинциите Самар и Лејте, каде што се забележани две жртви. Ветрот со брзина и до 200 километри на час ја уништи далноводната мрежа и остави илјадници луѓе без струја.
„Штом ќе се расчистат патиштата, ќе почнат воздушните операции. Во некои делови како Самар чекаме да одобрение за летање“, изјави Александер Парма, Национална агенција за катастрофи.
Хагупит го поштеди Таклобан, на чијашто трагедија светот беше сведок лани. Тогаш тајфунот Хајан однесе илјадници животи и го срамни градот од 220 илјади жители, кои останаа без храна и без вода. Властите веруваат дека годинава биле поподготвени и е избегната поголема штета. Луѓето почнаа да се враќаат во разурнатите домови, животот продолжува во ритамот на катастрофите на монсунската сезона.
„Не сме вознемирени. Овде е секогаш така. Секогаш има тајфуни. По Хајан, овој не беше толку разорен“, вели Алфред Валдез, жител на Филипините.
„Тајфунот помина. Се вратив и пак ќе изградам“, додава друг жител.
Ударите на ветрот се се уште силни и постои опасност од паѓање на дрвјата, но почна расчистувањето и обновата. Се проценува дека 50 милиони луѓе или половина од населението на Филипините живее во опасно подрачје со дијаметар од 600 километри, а ситуацијата само ќе се влошува поради климатските промени.
Ивана Салтировска
