Груевски најави нова американска компанија со 400 вработувања
07.12.2014 16:58
Тој изрази надеж дека до Нова година ќе биде во можност да објави уште најмалку една голема инвестиција во еден од поголемите градови во внатрешноста...

Премиерот Никола Груевски најави потпишување договор со американска компанија која ќе произведува делови за воздушни перничиња. Станува збор за инвестиција вредна 18 милиони евра која ќе овозможи 400 нови вработувања.
Наскоро, на 19 декември, ќе потпишеме нова инвестиција со позната компанија од САД и во светот за воздушни перничиња, со мошне висока технологија. Ќе има минимум 400 директни вработувања, а инвестицијата е од 18 милиони евра, истакна премиерот Груевски на обраќањето на Годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека на ова се работело речиси три години.
Тој изрази надеж дека до Нова година ќе биде во можност да објави уште најмалку една голема инвестиција во еден од поголемите градови во внатрешноста, каде, како што рече, досега не е изградена нова фабрика, а на што деновиве многу се работело и е во завршна фаза на реализација.
