Новиот грб- симбол на поголема сплотеност
Македонија и Белорусија се единствени во Европа со грб од поранешните заеднички држави и тоа ја наметнува потребата од менување. Новиот грб е симбол за поголема сплотеност и единство на македонските граѓани и јасно го изразува европскиот стремеж на државата, сметаат историчарите...

Ние сме единствената земја од бившите југословенски републики која не го смени државниот грб поради тоа ја поздравувам oваа иницијатива која апсолутно не претставува никаков обид за менување на историјата, вели историчарот Ванчо Ѓорѓиев.
„Што се однесува до забелешките дека оваа инцијатива претставува обид за менување на историјата, за промена на минатото, слободно ќе речам дека тоа е бесмислена констатација.Тоа е исто како вие да го смените местото на живеење, а да не сакате да ги смените личните документи од причина што некој може да ви забалежи дека го менувате сопственото минато“, изјави проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, историчар.
Во предлогот на владата за нов грб, црвен лав на златно-жолто поле, штит крунисан со златно-жолта круна со пет кули, украсена со рубини и бисери од Македонија, е оригинална и претставува симбол за поголема сплотеност на граѓаните кои живеат во државава, објаснува Ѓорѓиев. Според него, во историјата лавот како амблем го има и Македонија и нашиот источен сосед, но помеѓу нив постои разлика. Во хералдика постои едно правило - исти грбови не постојат.
„Колку и да се слични грбовите, сепак и во најмала нијанса се разликуваат. На пример во Франција имало 6000 семејни грбови во основа го имале кринот тие биле различни и така се третираат“, додава проф. Ѓорѓиев.
Ќе следува јавна расправа за новиот изглед на државниот грб. За да се промени симболот, не е потребна измена на Уставот, туку двотретинско и бадентерово мнозинство во Парламентот. Надлежените велат дека граѓаните нема да имаат обврска веднаш да ги менуваат своите лични документи, бидејќи тие што го имаат ќе бидат валидни се до рокот на истекување.
Наташа Јанчиќ
