МНТ една година го живее својот сон

07.12.2014 17:30

Македонскиот народен театар одбележува една година работа во новиот објект, и од првата премиера на новата сцена. Во изминатите 365 дена биле играни 150 претстави, кои ги следеле 83 илјади гледачи...

Се сеќавам на едно чуство како да бев надвор од себе, тој период беше пред премиерата на „Вечна куќа“ и предходеа напорни проби- се присетува Искра Ветерова, главниот лик во претставата која пред една година на овој ден го отвори новиот објект на МНТ. Вели целата актерска екипа зад сцената како да беше во транс, владееше возбуда, трема, а знаевме дека треба да настапуваме пред полна сала. Картите беа однапред распродадени, а очекувањата преголеми, вели Ветерова.

„Во некој транс бевме сите. Од после кога ќе видев некои снимки чувствував како на некој друг да му се случило тоа и дури ми се плачеше колку било убаво...“, додава Ветерова.

„Запишано е од Eрусалим во Mакедонија ќе појдеш!“- Со оваа реплика Петар Темелковски си обезбеди место во мемоарите на поновата историја на македонската култура. Овациите и преполната сала е сликата која никогаш нема да ја заборави. Вели новиот објект го чекавме со години, откако оној стариот беше урнат  по земјотресот. Секогаш се надевавме дека ќе биде изграден нов . Сега дојде моментот да му се радуваме на овој театарски храм кој долго го чекавме, вели Темелковски.

„Секогаш си велиме дека чувството е прекрасно, кога влегуваме во театарот, со првата стапалка, а можеби и уште пред портите на театарот, човек се чувствува радосно и победоносно“, вели Темелковски.

И Темелковски и Ветерова велат дека на 7-ми декември со „Вечната куќа“ театарот почна да пишува нова страница, каде ќе биде запишана 20.000 публика која за една година ја виде претставата на Плевнеш. Повторно се врати моментот кога одењето на театар е свечен, чин велат нашите соговорници.

Старите скопјани ќе го паметат легендарниот Петре Прличко кој пред 50 години во стариот театар настапил  во Чорбаџи Теодос на сцената на тогашниот Македонски театар, а во новиот кој го слави првиот роденден ќе се надеваме дека ќе се родат нови генерации актери, но и публика која ќе ја почитува театарската уметност.

 

Викторија Тодоровска