Лазаров на зимски одмор како прв голгетер на ЛШ
Иако неговата Барселона вчера загуби од Висла Плоцк и го претрпе првиот пораз сезонава, со седумте дадени гола нашиот интернационалец стигна до бројката од вкупно 64 по осум одиграни кола и се оддалечи од конкурентите...

Првиот дел од натпреварите во Лигата на шампионите ќе заврши во вторник со мечот Загреб-ПСЖ, но без оглед на тоа јасно е дека најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров како најдобар стрелец ќе ја мине зимската пауза во елитната конкуренција.
Иако неговата Барселона вчера загуби од Висла Плоцк и го претрпе првиот пораз сезонава, со седумте дадени гола нашиот интернационалец стигна до бројката од вкупно 64 по осум одиграни кола и се оддалечи од конкурентите. Лазаров има шест гола повеќе од бомбардерот на Веспрем Момир Илиќ и осум гола повеќе од Александар Деревен од Чеховски Медведи, којшто вчера против Вардар постигна дури 13 погодоци. Со 51 гол досега, крилото на „црвено-црните“ Тимур Дибиров е на делба на шестата позиција заедно со Томас Могенсен од Фленсбург.
Ако и напролет продолжи во голгетерската форма од оваа есен, особено ако Барселона оди докрај во евросезоната, Лазаров ќе има шанси и третпат да го понесе признанието за најдобар стрелец во Лигата на шампионите.
