Денвер не ја запре Атланта
Атланта на Перо Антиќ ја оствари шестата победа во низа во НБА лигата. Вкупно тринаесет досега во сезоната се биланс за второ место во источната конференција...

Македонскиот интернационалец одигра речиси 15 минути против Денвер и придонесе со седум поени, шест скока и со една асистенција. Триумфот со 96-84 значи дека Атланта уште повеќе го притисна водечкиот Торонто, кој е на чело во конференцијата со ефект 15-5. На составот на Антиќ му одговараше и поразот на Вашингтон на гости кај Бостон со 101-93, по што екипата од главниот град има идентино остварување како Атланта 13-6. На западот на врвот е Голден Стејт, кој на 19 меча досега прертпе само два пораза. Зад него е Мемфис откако се врати на победнички патеки по двете загубени средби во низа. „Гризлите“ ноќеска се радуваа дома против Мајами со 103-87. Лојер постигна 20 поени, а одлично го надополнија Ли и Рендолф со по 17.
Со Кевин Дурант во тимот на Оклахома и оди полесно, па синоќа „громот“ удри во Детроит. Неговите 28-те коша беа клучни за победата на Оклахома со 96-94. Детроит, пак, ќе чека некоја друга шанса за да ја запре губитничката низа од 12 натпревари. Ритам нема и Њујорк, па против Портланд не можеше ништо да стори за да го попречи осмиот пораз едноподруго. На семафорот во „Медисон сквер гарден“ стоеше 103-99 за Портланд, кој го дели третото место во западната конференција со идентичен биланс како Хјустон и Сан Антонио. Блиску е и Далас со оглед дека го совлада Мивоки со 125-102 и ја прослави 16-тата победа во 22-от сезонски натпревар.
***
НБА ЛИГА:
Атланта – Денвер 96-84
Мемфис - Мајами 103-87
Детроит - Оклахома 94-96
Бостон - Вашингтон 101-93.
Њујорк – Портланд 99-103
Далас - Милвоки 125-102
