Манасков во идеалниот тим
Во изборот на ЕХФ 22 годишниот Манасков е најдобро лево крило за последната годинашна рунда во елитната конкуренција...

Македонскиот репрезентативец од Металург, Дејан Манасков е во идеалната „седумка“ по натпреварите од 8.коло во ракометната Лига на шампионите.
Во изборот на ЕХФ 22 годишниот Манасков е најдобро лево крило за последната годинашна рунда во елитната конкуренција.
Тој имаше блескава партија со рекордни во сезоната за него 8 гола на мечот во Скопје против белорускиот Брест Мешков што заврши нерешено 27-27. Еден од тие погодоци беше втор најубав во изборот на петте најдобри.
Место во најдобрата постава имаше и за десното крило на Рајн Некар Левен, Патрик Грецки.
Идеалната бековска тројка ја сочинуваат плејмејкерот на Кил, Жоел Кањелас, десниот бек Холгер Гландорф од Фленсбург и левиот бек на Чеховски медведи, Александар Деревен.
Екипата на Висла го имаше најистакнатиот пикер, Камил Сипжак, додека најдобар меѓу стативите беше голманот на Кадетен Шафхаузен, Никола Портнер.
Капитенот на нашата селекција Кире Лазаров беше одличен со 7 гола но не успеа да го избегне првиот пораз на Барселона оваа сезона на гостувањето кај Висла. Лазаров со 64 гола на 8 дуели останува најдобар стрелец во престижната лига оваа година.
