Опожарено возилото на судијката од Велешкиот суд која го води случајот „Ореше“

08.12.2014 15:52

Ако е ова некаква порака, вели судијката, немам намера да отстапам од објективноста во работата...

Опожарен е автомобилот на Габриела Гајдова, судика во Основниот суд во Велес. Според полицијата настанот се случил вчеравечер околу 21 часот. Во моментот на опожарување Гајдова и семејството не биле во домот.

„Дојдовме на лице место некаде околу 21.20 часот, на лице место имше пожарникари. овластени лица од СВР Велес, возилото успејаа да го изгасат, дојде Јавен обвинител“, рече Габриела Гајдова, судика во Основен суд Велес.

Преку соопштение, полицијата информира дека се превземаат мерки за целосно расветлување на случајот.

Ова е трет случај на опожарување на автомобил оваа година на лице кое работи во Основниот суд во Велес. Од полицијата велат дека сеуште работат на расветлување на претходните два случаеви кога настрадаа автомобилите на поранешниот претседател на основниот суд во Велес и судијата Шевчет Адеми.

Инаку тројцата судии чии автомобили беа опожарени работат или работеле на  предметот „Платено убиство во село Ореше“.

„Ако е некаква порака јас искрено немам намера да работам поинаку од она како сум работела до сега согласно закони да носам одлуки и согласно сопствените убедувања“, рече Гајдова.

Автомобилот кој е целосно уништен е стар 5 години, Гајдова вели дека редовно бил сервисиран и немал никаква техничка неисправност.

 

Дијана Иванова