ЕКСКЛУЗИВНО: Македонија ги доби тапиите на имотите на граѓаните од Отоманската империја
Пишувани се на арапско писмо, на официјалниот османлиско-турски јазик. Сега се во фаза на преведување. Научните експерти велат дека се од големо значење за македонската историја...

Македонија поседува два милиони тапии – евиденција за имотот на Македонците во време на Отоманската Империја. Катастарот ги доби оригиналите од турските архиви. Во книгите се евидентирани сопствениците на имотите, со што располагале, со чии парцели граничеле, имињата на локациите.
Пишувани се на арапско писмо, на официјалниот османлиско-турски јазик. Сега се во фаза на преведување. Научните експерти велат дека се од големо значење за македонската историја.
„Ќе дадат слика за тоа каков бил етничкиот состав на територијата на Македонија во периодот од 1847-ма кога почнува во Османлиската држава да се води сериозна архиска документација и катастарска евиденција, па се до 1912- та година“, вели директорот на Институтот за национална историја, Драги Георгиев.
Населението во таписките книги, Отоманската империја го заведувала како муслимани, христијани и евреи. Сопствениците на имотите имаат имиња. Турците не ги запишувале презимињата на луѓето, замена за нив им била назнаката дека на пример Коста бил син на Ристо, значи се презивал Ристов. Но, во податоците за имотот не само што е наведено се што поседувал туку и колку гроша се проценува неговата сопственост . По завршување на проектот со преводите и граѓаните ќе имаат увид во податоците со каков имот располагале нивните предци.
„Истите ќе го покажат движењето на имотот. За секој наш граѓанин тоа ќе значи можност да си ја види историјата, да го види имотот кој го поседувале неговите предци“, изјави за МРТ директорот на Катастарот, Славче Трпески.
За побрза реализација, проблем е малиот број на преведувачи од старотурски на македонски јазик. Во државата ги има само тројца, а на проектот работат двајца. На иницијатива на премиерот беше распишан конкурс за стипендирање на студенти кои сакаат да го изучуваат на универзитетите во Анкара. По нивното завршување се очекува процесот со преводот на тапиите да се забрза.
Сега државниот Катастар има историска евиденција за имотот на граѓаните од пред 168 години.
Сузана Фиданска- Стоевска
