Валтер: Од интерес на НАТО е Македонија да биде полноправна членка

08.12.2014 13:22

Според Валтер, Македонија и сега придонесува во НАТО силите, а Алијансата очигледно е посветена да се одржи стабилноста на Балканот...

Од интерес на НАТО е Македонија да стане полноправна членка, вели во интервју за Дојче Веле претседателот на Европската асоцијација за безбедност и одбрана Роберт Валтер. Вториот човек во Советот на Европа смета дека Македонија треба да ги надмине внатрешнополитичките проблеми, како и спорот со грчкиот сосед.

„Јас сум голем поддржувач на македонското членство и во двете организации. Македонија се уште се соочува со проблеми  што треба да се надминат. Мислам пред се на внатрешнополитичките, ситуацијата со политичките партии кои не учествуваат во работата на Парламентот. Сето ова мора да се расчисти, за исполнување на фундаменталната желба на македонскиот народ - да бидат дел од ЕУ и НАТО“, вели Роберт Валтер, претседател на Европската асоцијација за безбедност и одбрана.

Според Валтер, Македонија и сега придонесува во НАТО силите, а Алијансата очигледно е посветена да се одржи стабилноста на Балканот. Предност има подобрувањето на ситуацијата на Косово и во Босна и Херцеговина. Секако дека е значајно и натаму да се работи на стабилноста на Балканот, оценува претседателот на Европската асоцијација за безбедност и одбрана, кој исто така смета дека ситуацијата на Балканот е поинаква од украинската.

 

Наташа Гркова-Петрушевска