Тутун: Родна година, послаб квалитет

08.12.2014 16:27

22 насто од македонските земјоделци се тутунари, извозот учествува со 3,2 проценти во БДП, а компаниите со 30 насто го полнат државниот буџет. Во земјава има 36.000 тутунари, а од тутунот живеат преку 200.000 жители. Годинава родна, но со вишок тутун. Непосредно пред откупот, здруженијата на тутунари преговараат со откупувачите целиот род да се преземе...

Без тутун не се може. Животот на петчленото прилепско семејство Јандреоски нераскинливо им е поврзан со тутунопроизводството. Не се откажуваат од културата која, главно зависи од временските прилики. Мачен за одгледување, останува единствена егзистенција.

„Имам годинава 3 тона од 10 декари. Годинава, во последно време е добро. Остануваме да го работиме, нема што друго. Тутунот е, како што велат жолто злато, парите тука се“, вели Киро Јандреоски, тутунопроизводител.

Годинава родна, но со послаб квалитет. 36.000 македонски тутунари, односно над 200.000 жители во земјава произведоа 30.000 тони тутун, пет илјади повеќе од договореното со откупувачите.

22 насто од македонските земјоделци се тутунари, извозот учествува си 3,2 проценти во бруто домашниот производ, а компаниите со 30 насто го полнат државниот буџет.

На стартот на откупната кампања од Сојузот на тутунските здруженија уверени дека ќе се откупи целиот род. Деветте компании најавиле дека за 10 до 15 насто ќе ги зголемат откупените количества. Анализите на Сојузот говорат – пресудно за исплатливоста на оваа со векови традиционална култура се државните субвенции.

„Со овие трошоци што ги вложуваме од единица површина од декар, некаде околу 25 000 денари и со просечна цена ланска од 152 денари, се вкупно 30 000 денари од декар. Извадени нашите трошоци, остануваат 5000 денари поделени со 365 дена и се 14 денари од килограм тутун. Единствена утеха нам ни се 60 денари благодарение што ги добиваме од владата како субвенции. Замена, алтернатива на тутунот во Пелагонискиот, претежно Прилепскиот дел, Долненскиот, па Тополчани, Конче, Радовиш нема и мораме да го одгледуваме тутунот. Друга култура нема замена за тутунот“, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

И експертите сметаат дека ќе нема проблем да се преземе родот кој зависи од временските прилики.Спасот за добра цена е во квалитетот поттикнат со субвенциите.

„Тука ќе се спаси Македонија, ако субвенциите ги дава за квалитетни тутуни, а овие што произведуваат неквалитетни тутуни, зошто субвенции“,  вели Љупчо Попоски, научен советник.

Македонските тутунари се пред нов предизвик. Почнува откупната кампања и нова битка за исплатливоста на жолтото злато.

 

Елизабета Митреска