Усвоен грчкиот буџет за 2015 - меѓународните кредитори и опозицијата незадоволни

08.12.2014 16:33

„Излегуваме од ерата кога пазарот на обврзници беше затворен за нас и кога ни требаше финансиска помош за да преживееме“, изјави грчкиот премиер Антонис Самарас непосредно пред гласањето...

Грчкиот парламент вчера вечер го одобри буџетот на земјата за 2015- та година, јавува дописникот на МРТ од Атина. Од буџетот кој што беше изгласан со 155 гласа за, 134 против и еден воздржан, незадоволство изразуваат како меѓународните кредитори, така и грчката опозиција.

„Излегуваме од ерата кога пазарот на обврзници беше затворен за нас и кога ни требаше финансиска помош за да преживееме“, изјави грчкиот премиер Антонис Самарас непосредно пред гласањето. 

После многу декади, нашата земја оваа година го има првиот балансиран буџет. Ова е историски момент и постарите луѓе сигурно ќе се изненадат што се случило вакво нешто“, нагласи премиерот Самарас.

Буџетот за 2015- та предвидува раст од 2,9 отсто и намалување на невработеноста од 24,8 на 22,6 проценти. Во однос на дефицитот предвидено е тој да се ограничи на 0,2 отсто од бруто домашниот производ, но според меѓународните кредитори тој ќе изнесува околу 3 отсто. Владиниот долг кој што оваа година изнесуваше 177, 7 отсто од БДП, следната година се предвидува да падне на 171,4 отсто со што и натаму останува највисок долг во Европската Унија.

Гласањето беше проследено со протест на неколку стотици луѓе пред Парламентот кои што повикаа да биде ставен крај на мерките за штедење. 

Пет години сме во криза и повторно се гласа буџет кој што и натаму ќе ги осиромашува обичните Грци, е ставот на Јанис Панагопулос, лидер на најголемиот синдикат во Грција. Според него, новиот буџет е нереално оптимистичен и се во врска со него е погрешно.

На иста линија е и лидерот на опозициската Сириза, Алексис Ципрас, кој што изјави дека неговата партија не е врзана за одлуките што беа донесени.

Резултатот од гласањето докажува дека Владата е на чекор пред крајот“, рече Ципрас.

И меѓународните кредитори одбија да го поддржат планот, оценувајќи го како премногу амбициозен. Според нив, доколку не бидат направени дополнителни кратења во пензискиот систем и јавниот сектор, фискалниот јаз во 2015- та ќе биде многу поголем од предвиденото.

Според весникот „Гардијан“, со етикетирањето на барањата на Тројката како ирационални и неоправдани, грчкиот премиер Самарас самиот се закопал. Според весникот, тој одбива да се согласи со мерките што ги бараат странските кредитори, бидејќи тврди дека со тоа ќе ја зголеми поддршката за радикално-левата опозицска партија Сириза, која што е против програмата за штедење.

 

Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина