Хералдичари: Предложениот државен грб на Македонија е различен од бугарскиот

08.12.2014 17:01

Хералдичари од Софија контра тврдењата, пласирани во дел од медиумите кај источениот сосед, дека наводно Македонија го краде Бугарскиот грб. На слична линија се и нивните македонски колеги...

Политичка пропаганда се реакциите на некои субјекти кај нашиот источен сосед во однос на предлогот за нов македонски грб, тврди претседателот на здружението на бугарските хералдичари, Стојан Антонов.

Хералдичарите недвосмислено укажуваат  дека црвениот лав во скок на жолто златна позадина, предложен за нов македонски грб, не е и не може да биде ист со златниот  лав на црвен штит од грбот на соседна Бугарија. 

Бугарскиот хералдичар уверува дека црвениот лав подготвен за битка се среќава во разловечкото востание или во српската династија Караѓорџевиќ, кога владееле со стара Србија, односно Косово и Македонија, a Бугарија во 1878-ма го преземала од стематографијата на Христофор Жефаровиќ.

„Не можам да зборувам ниту за македонска ниту за бугарска хералдика, пред создавањето на државите. Кога се појавуваат тие грбови, без оглед на тоа дали се златни на црвено или црвено на златно, тоа се е дело на западноевропските хералдичари. Тие грбови кои што се среќаваат во грбовниците од средновековието се од западноевропски извори. А таму се среќаваат двете варијанти. Како за Македонија, така и за Бугарија“, вели Антонов во интервјуто за „Република“.

Правило во хералдиката е дека не постојат исти грбови, бидејќи доволна е само нијанса тие да се сметаат за различни, така предложениот грб, не е ничија копија, е ставот на историчарот Ванчо Ѓорѓиев.

„Доволно е ако посочиме пример дека своевремено само во Франција имало 6.000 семејни грбови, кои како основа го имале кринот, сепак сите тие во нешто се разликувале“, смета историчарот Ѓорѓиев.

За новиот изглед на државниот грб ќе следува јавна расправа. Ќе се вклучи науката.

„Македонија е мултикултурна и мултиетничка заедница, па мислам дека со дебатите и научната јавност ќе се најде некое адекватно решение“, смета историчарот Амет Шериф.

За да се промени грбот, не е потребна измена на уставот, туку двотретинско и бадентерово мнозинство во Парламентот. Македонија е единствената од државите од поранешна Југославија која не го смени грбот , туку интервенираше отстранувајќи ја петокраката од него.

 

Фиљана Кока