Опозицијата да се врати во Собранието: Расте дипломатскиот притисок врз СДСМ

08.12.2014 17:09

Расте дипломатскиот притисок врз СДСМ да го прекине бојкотот. Меѓународната заедница бара социјалдемократите да се вратат во законодавниот дом и да дејствуваат констуктивно. Пораката е дека политичката битка треба да се води низ институциите на системот...

Опозицијата да се врати во Собранието и да дејствува конструктивно, бара меѓународната заедница. Пораките се лично пренесени и до лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Новиот известувач за Македонија Иво Вајгл вели дека првата работа што треба да се реши во Македонија е да се воспостави парламентарен однос меѓу власта и опозицијата.

„Тоа значи дека опозицијата мора да се врати во Парламентот. Тоа беше и мојата порака до лидерот на опозицијата – кога се има 30 проценти од гласовите, се има голема моќ, се има значаен мандат на своите гласачи и тој треба да се искористи, а не практично да се отфрли“, изјави Иво Вајгл, словенечки европарламентарец и известувач за Македонија во Европскиот парламент.

Бојкотот не е решение, посочи и поранешниот известувач за Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит.

„Гледам дека меѓу политичките партии има разлика и здравата демократија мора да дозволи изразување на разликите. Но морам да предупредам дека секоја партија не смее да го надминува националниот интерес“, смета Ховит.

Повик до опозицијата за враќање во законодавниот дом испрати и еврокомесарот Јоханес Хан. Пообара политичката битка да се води внатре, во Парламентот, а не надвор од него.

„Посебно би сакал да ја видам опозицијата да се врати во Собранието и секогаш кога ќе можам, ќе го кажувам ова. Намерата ми е да остварам брза посета на Република Македонија во јануари наредната година, да се состанам со водечките личности на различните политички партии за натамошен прогрес“, изјави еврокомесарот Хан.

Доколку ја сакате државата, вратете се во Парламентот, и порача на опозицијата хрватската европратеничка, Маријана Петир.

„Сите оние кои ја сакаат Македонија и и посакуваат добро, за отворените проблеми да зборуваат во Парламентот и да не го запираат европскиот пат на земјата. Политичката зрелост подразбира почитување на изборните резултати и ставање на државните над партиските интереси“, рече Петир.

Ако на македонските политичари им значат напредокот и иднината на Македонија, тие мора да ги надминат меѓусебните несогласувања и да се усогласат дека  добросостојбата на нивната држава и на нивниот народ е на прво место,вели хрватската европратеничка. 

 

Наташа Гркова– Петрушевскa