Кошарка - ЕП 2015

Ја сакавме и ја добивме групата во Загреб

08.12.2014 19:11

Во групата „Це“ ќе имаме познати противници. Хрватска, Словенија, Грција и Грузија со коишто се сретнавме во Литванија пред три години кога го направивме најголемиот успех со пласманот во полуфиналето и освојувањето на четвртото место во конечното рангирање...

Поволна и атрактивна, на Европско првенство нема лесна група. Македонските кошаркари можат да бидат задоволни од денешната ждрепка за Евробаскетот во 2015-та.

Сакавме и ќе играме во Загреб, најблискиот град домаќин. Во групата „Це“ ќе имаме познати противници. Хрватска, Словенија, Грција и Грузија со коишто се сретнавме во Литванија пред три години кога го направивме најголемиот успех со пласманот во полуфиналето и освојувањето на четвртото место во конечното рангирање. Ќе играме и со Холандија која е дебитант на континенталните собири.

Македонија не можеше да посака помотивирачки ривал на отворањето на претстојниот Евробаскет. Пред нас ќе биде двократниот европски првак Грција, на 5-ти септември. Со неа досега имаме биланс 1-1. Ден потоа нашите кошаркари ќе се надмудруваат со Холандија против која очекуваме победа. Седми септември за нас ќе биде слободен ден, а на празничниот осми септември пред нас ќе биде коорганизаторот Хрватска со којшто исто така имаме еден триумф и еден пораз на европските првенства. На деветти против Грузија и на десетти против Словенија, македонските репрезентативци ќе го завршат настапот во групната фаза. Со нив славевме пред три години во литванија.

Според системот на натпревари, доколку бидат меѓу првите четири, нашите кошаркари ќе продолжат во нокаут сегментот во францускиот град Лил. Во него ќе играат 16 од 24 репрезентации коишто се пласираа во завршницата на континенталниот собир. На него Македонија ќе учествува петтипат. Најуспешни бевме во Литванија со освоено четврто место. Две години пред тоа во Полска се пласиравме на делба на 9-тата и 10-тата позиција, а минатата година во Словенија бевме меѓу најслабите четири. На дебито во Франција пред деценија и половина, Македонија заврши 14-та во конкуренција на 16 селекции.

***

Евробаскет 2015, 5-20 септември:

Група „Це“ – Загреб (МАКЕДОНИЈА, Хрватска, Словенија, Грција, Грузија, Холандија)

Група „А“ – Монпелје (Франција, Финска, БиХ, Полска, Израел, Русија)

Група „Бе“ – Берлин (Шпанија, Германија, Србија, Турција, Италија, Исланд)

Група „Де“ – Рига (Летонија, Литванија, Украина, Белгија, Чешка, Естонија)