Опасноста од „Еуроџихад“ на Западниот Балкан е помала, но не треба да се потценува

09.12.2014 11:02

Европските џихадисти се образовани и добро ситуирани муслимани коишто станале екстремисти поради неприфатеноста во општеството во Британија, Франција, Шпанија, Данска и други европски држави. Опасноста од Еуроџихад на Западниот Балкан е помала, но сепак не треба да се потценува, велат британските експерти од универзитетот Кембриџ...

Европа неминовно ќе биде цел на терористички напад, прашање е само кога и каде тој ќе биде изведен. Но, веќе е познато дека извршителите ќе бидат џихадистите коишто ќе се вратат на европско тло по учеството во борбите на страна на Исламската држави или ќелии на Ал Каеда. Според европските аналитичари автори на книгата „Еуроџихад“, во моментов на Блискиот исток се борат околу 3.000 Европејци, коишто не биле целосно прифатени во општеството или станале радикални во европските затвори.

„Наш наод е дека радикализацијата е само слабо поврзана со дефицитот од интеграција на муслиманите во Европа. Многу од вмешаните во насилен ектремизам се индивидуи коишто на прв поглед изгледаат добро интегрирани во општеството, добро се образовани, имаат добри работни места, но сепак се свртуваат против заедницата“, изјави Енџел Рабаса, експерт од унивезитетот Кембриџ.

Муслиманите од Западниот Балкан стануваат џихадисти од економски причини, но и поради фактот дека не се лојални на државите во коишто живеат, велат британските експерти од универзитетот Кембриџ додавајќи дека една од мерките како да се спречат странските борци е одземање на пасошот. 

„Членовите на одредена етничка група честопати се силно поврзани со местото на потекло и заедницата од која потекнуваат, дури и по неколку генерации. Втората и третата генерација коишто никогаш и не биле во земјите од каде потекнуваат, во некои случаи се полојални на етничката група од нивните родители“, изјави Шерил Бенард, експерт од универзитетот Кембриџ.

Најмногу радикални стануваат муслиманските заедници на Пакистанците во Британија, Турците во Германија и арапите во скандинавските држави, но сепак најголема опасност доаѓа од Европејците коишто го прифатиле исламот. 

САД стравуваат дека џихадистите од 30 европски држави опфатени со безвизниот режим можат да пристигнат и во Америка.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ