Југозападниот регион станува енергетски ефикасен
Проектот за зголемување на енергетската ефикасност и искористувањето на обновливите извори на енергија, во меѓуграничниот струшки регион ги дава очекуваните резултати. Во изготвувањето на финалните резултати учествуваа сите општини од Југозападниот регион кои ги согледаа предностите од овој начин на искористување на енергијата...

Енергетската ефикасност и нејзината имлементација ќе биде обврска на сите општини да ја спроведат првенствено на објектите во нивна сопственост како што се општински згради, детски градинки, основни и средни училишта и јавни локални претпријатија, домови, библиотеки, под капата на општинската администрација. Генералната оценка е дека досега успешно се реализирани сите проекти.
„Сметам дека сите активности што беа предвидени успешно се реализираа и посакувам и во наредниот период да имаме вакви проекти од кои што ќе има позитивни ефекти и влијанија во сите општини во нашиот регион, ќе има позитивни ефекти во заштитата на животната средина што придонесува и во натамошниот одржлив развој во регионот“, вели Мирјана Лозаноска – Југозападен плански регион.
Овој проект посебно е корисен бидејќи се работи на подигање на свеста и едукација на народот во Македонија за енергетска ефикасност. Досега мал број од луѓето биле упатени во оваа проблематика, а како најголем проблем кај нив за инвестирање во обновливите извори биле финансиите.
„Веќе даде резултат овој проект, ние како фирма која што работиме на оваа проблематика увидовме дека навистина се подигна свеста кај граѓаните и дека бараат, односно своите фасадите ги работат со изолација и на некој начин бараат обновливи извори на енергија заради финансискиот бенефит“, вели Климе Шешоски – сопственик на градежна фирма Охрид.
Проектот „Зголемување на енергетската ефикасност и искористување на обновливите извори на енергија“ е финансиран од Европската Унија, во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија.
Четири општини од регионот добија бесплатана енергетска контрола на 4 објекти. Од 1-ви јануари 2015-та година стапува на сила новиот Закон за енергетска ефикасност.
Јованчо Наумоски
