Индија: Жените со посебни потреби симбол на срамот

09.12.2014 12:51

Најчесто без нивна желба ги носат во институции во кои нема доволно храна и основни хигиенски услови за живот. Секојдневието го минуваат заборавени од сите, без надеж за подобро утре...

Отфрлени од семејството и пријателите, без љубов и топлина, оставени сами на себе во светот во кој живеат со проблемите кои секојдневно ги демнат.  Жените со посебни потреби и ментални болести во Индија се симбол на срамот. Семејствата ги чувствуваат како товар и се срамат од нив.

Најчесто без нивна желба ги носат во институции во кои нема доволно храна и основни хигиенски услови за живот. Секојдневието го минуваат заборавени од сите, без надеж за подобро утре.

„Никој не ме праша дали сакам да одам в болница, не ни сонував дека ќе се најдам на вакво место. Без да ни кажат, секојдневно ни даваат лекови. Не знам до кога ќе останам тука“, вели Видва.

„Законите во нашата земја се многу лоши. Ако некој роднина каже дека со вас нешто не е во ред, полицијата веднаш ве носи в болница. Никој не не прашува за нашето или мислење и нашите желби“, изјави Депали.

Организацијата „Хјуман Рајтс Воч“ објави фрапантни податоци за сексуална и физичка злоупотреба. Во извештајот на 106 страници невладината организација објави примери за сексуална злоупотреба од страна на чуварите во институциите во Калкута.

„Жените кај кои ќе се забележи дека имаат психолошки или интелектуален проблем, веднаш се деградинари. Се третираат како деца и немаат право на мислење. Остануваат затворени во институциите со месеци и години“, изјави Шанта Барига, директор на „Хјуман Рајст Воч“.

„Хјуман Рајтс Воч“ апелира до Владата да преземе сериозни мерки и грижа за овие луѓе кои немаат основни права.  

Поради сиромаштијата, во Индија жените од најниските слоеви кои немаат никакво здравствено осигурување посетуваат лекари кои немаат основни услови за работа.

Во минатата недела 15 жени ослепеа по бесплатна операција на катаракта.

 

Марија Петковска