Ивановски во ФИНКИ: Отворените податоци во корист на развојот на мобилни апликации

09.12.2014 13:06

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ги потсети учесниците на натпреварот на можностите што ги нуди Законот за отворени податоци, со кој институциите се обврзуваат, податоците со кои што располагаат во дигитален формат да ги направат достапни за граѓаните...

Втора година по ред на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) домашни и странски експерти  во рамки на работилницата „Code App Level Up 2“ ќе ги обучуваат студентите во полето на развојот и дизајнот на мобилни апликации, како и нивно претставување на пазарот.

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, ги потсети учесниците на натпреварот на можностите што ги нуди Законот за отворени податоци, со кој институциите се обврзуваат, податоците со кои што располагаат во дигитален формат да ги направат достапни за граѓаните.

„Овој процес ќе му помогне на приватниот сектор и на граѓаните, а очекуваме тоа да поттикне нови работни места и нови иновации. Најголем успех од искористувањето на овие податоци ќе имате токму вие, студентите, односно младите претприемачи. Сите оние кои ќе бидат заинтересирани да креираат апликации можат бесплатно да ги користат отворените податоци“, рече Ивановски.

Тој напомена дека сериозни напори се вложени во процесот на создавање млади кадри во нашата земја, кои активно работат на полето на ИКТ технологиите и со тоа индивидуално и тимски придонесуваат за целокупниот развој на македонското општествено живеење, посебно на информатичката област. Целта е тие да останат во Македонија и да бидат ангажирани од приватниот бизнис во областа на ИКТ технологиите.