Со 48 милиони денари ќе се подобруваат условите за живот во општина Карпош

09.12.2014 13:21

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески посочи дека овие проекти биле издвоени како приоритетни за Карпош, од кои директна корист ќе имаат 3.500 граѓани...

Општина Карпош потпиша договор со Министерството за финансии вреден 48 милиони денари, средства од Светската банка за подобрување на условите за живот на граѓаните. Парите ќе се наменат за изградба на атмосферска канализација и за реконструкција на вкупно 6 улици.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески посочи дека овие проекти биле издвоени како приоритетни за Карпош, од кои директна корист ќе имаат 3.500 граѓани.

„Овие проекти ги поминаа најригорозните контроли на Светската банка пред да бидат одобрени средствата. Овие средства се доделуваат под исклучително поволни услови, со каматна стапка од 0,6 %, три години грејс период и рок на исплата до 13 години“, истакна Ставрески.

Досега, потсети Ставрески, доделени се 26 милиони евра на 34 општини ширум Македонија, а во тек е доделување на уште 21 милион евра на неколку општини.

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, истакна дека со овие средства ќе бидат санирани неколку улици и атмосферски канализации, што ќе им биде од голема помош на граѓаните.

Со овие 800.000 евра,кои ги подигнуваме под одлични услови, ќе биде решен голем проблем. Иако изминатава година имавме врнежливо време, ниту еден дел од нашата општина не беше поплавен. И натаму ќе продолжиме да работиме на исполнување на сите услови, рече Јакимовски.