Тим од американски лекари спасуваат животи на македонски деца
Денеска беше изведена успешна операција на срце на деветмесечно дете. Досега за вакви операции во странство се одлеваа илјадници евра...

Деветмесечно бебе со вродени срцеви маани е првиот пациент на тимот американски доктори кои оперираат на детската кардиохирургија. Во наредниот месец ќе спасуваат животи на уште 19 дечиња кои се на возраст од неколку месеци до девет години.
„Најмалото дете очекуваме да биде четири месеци, денеска започнаа интервенциите и се изведуваат по строг протокол. Прв пат оваа година се се одвиваше безпрекорно во однос на дијагностиката дури и до најсуптилните маани кои во светот некогаш претставуваат енигма“, изјави д-р Аспазија Софијанова- директор на Детска клиника.
Ова е девета кардиохируршка мисија во земјава за две години, а преку неа се оперирани 100 дечиња. За само една ваква операција во странство, Фондот за здравствено осигурување плаќаше по 15 илјади евра, така што со овие 20 интервенции ќе се заштедат 300 илјади евра.
Сега за овие операции во странство се праќаат само по неколку дечиња кои што се итни случаи. Проценките се дека за две до четири години македонските хирурзи сами ќе можат да ги операциите на дечиња со вродени срцеви аномалии.
Во наредниов период уште 20 дечиња ќе бидат прегледани за да се утврди дали и кога има потреба од интервенции кај нив.
Андријана Атанасовска
