Саемското промовирање на „Купи куќа- Купи стан“ дава одлични ефекти

09.12.2014 16:33

Досега се одобрени околу 400 барања, а по Саемот, само во ноември - 50. Секој граѓанин преку проектот може да добие директна поддршка од 9 до 14 илјади евра за купување нов стан...

Проектот „Купи куќа- Купи стан“ помогна да се симнат банкарските камати за станбените кредити на историски најниско ниво. Организираното саемско промовирање, заедно со банките и градежните компании дава одлични ефекти- велат од Финансии. Досега се одобрени околу 400 барања, а по Саемот, само во ноември - 50.

„Планираме од 20-ти декември  да направиме нов сеам за проектот Купи куќа- купи  стан во ТЦ Рамстор, каде што на едно место ќе ги собереме банките преку кои се реализира проектот, градежните компании, Министерството за финансии и ќе им овозможиме на граѓаните во порелаксирана атмосфера на едно место да ги добијат сите информации“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Секој граѓанин преку проектот може да добие директна поддршка од 9 до 14 илјади евра за купување нов стан.

„Купи куќа- Купи стан“ го раздвижи и градежниот сектор. Компаниите бараат слободни локации, а од месец во месец расте и бројот на издадени одобренија на фирмите за  градење.

„Тоа е добро за клиентите бидејќи трошоците ќе бидат помали за нив. Се надеваме и дека ќе се поттикне продажбата на становите, бидејќи за граѓаните овие ниски каматни стапки се атрактивни“, изјави првиот човек на НЛБ Тутунска банка, Ѓорги Јанчевски.

Услов за аплицирање за нов стан или куќа се максимални семејни примања до 1.300 евра месечно, а цената на станбениот квадрат да не надминува 900 евра. Купениот стан преку проектот не смее да се дава под кирија ниту пак дополнително да се оптоварува со хипотеки. Забранета е и негова продажба во првите 5 години од  почнувањето на отплатата.

 

Свето Николовски