Колку повеќе корупција, толку посиромашно општество

09.12.2014 16:43

Пратеници, градоначалници и судии се на листата за поведување прекршочна постапка поради судир на интереси. Антикорупциската комисија годината ја завршува со 40 јавни опомени. Истражувањата покажуваат дека не е мал процентот на граѓани кои нуделе мито за да им се заврши работа...

Државната комисија за спречување корупција годинава поднесе седум иницијативи за кривично гонење до Јавното обвинителство, против носители на јавни фукнции.

„Тоа ни е единственото средство на реакција. Годинава имаме изречено околу 40 јавни опомени на носители на јвни фунцкии каде што е констатиран судир на интереси. Во однос на барањата за поведување прекршочни постапки од областа на судир на интереси имаме повеќе од 50 барања за поведување прекршочна постапка и уште толку за испитување имотна состојба во УЈП. Тука имаме и 22 до 23 барања за поведувања прекршочна постапка во делот на судир на интереси, носители на јавни функции, меѓу кои има и судии и пратеници и градоначалници“, изјави првиот човек на Антикорупциска, Ѓорги Сламков.  

Годинава, според Сламков, има поведено осум иницијативи за носители на јавни функции, во делот за располагање со буџетски средства, урбанизам, јавните набавки. Лани биле покренати девет вакви иницијативи. Анализа на УНДП покажува интересни податоци.

„Триесет и пет проценти од митото биле понудени од граѓаните, а не како одговор од барање на доктор или полицаец. Секој има своја улога во елеминирање на корупцијата. Колку повеке корупција има во вашето општество, толку посиромашни ќе бидат вашите граѓани“, изјави Луиза Винтон постојан претставник на УНДП во Република Македонија.

Истражувањата на УНДП на регионално ниво откриле дека 8 проценти од граѓаните имале искуство со корупција и подмитување службеници. Просечно исплатеното мито е 470 евра. Како свој придонес во спречување на корупцијата, 40-тина градоначалници потпишаа антикорупциски политики во рамки на одбележување на Меѓународниот ден за борба против оваа појава.

„Најдобар начин да се справите со корупцијата е да имате јасно дефинирани рокови за извршување на работата. Едноставно, ако некој предмет е целосен, апсурдно е да стои на дното од вашата фиока. Тогаш конкретно кај оној што го држи тој предмет, но и раководителот- имаме проблем“, изјави градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Статистиката вели дека по невработеноста, сиромаштијата, ниските примања и високите цени, корупцијата е 5-ти најголем проблем за македонските граѓани.

 

Лидија Чакар