Иднината на Јужен Поток засега непозната
Фамозниот гасовод ќе се гради само доколку се почитуваат европските прописи. Комесарот за енергетика на средба со ресорните министри на засегнатите членки на Унијата...

Европската Унија и натаму без конкретен одговор за иднината на Јужен Поток. „Гасоводот може да се изгради само во согласност со европските правила“, изјави еврокомесарот за енергија Марош Шевчовиќ.
Ова е и досегашниот став на Унијата, кој го повтори на средбата со министрите за енергија на 8-те земји вклучени во проектот. Тие во Брисел дебатираат како да и помогнат на Европа да најде алтернативно решение во Азербејџан и Казахстан по одлуката на Русија да ја прекине изградбата на Јужниот тек. Замената за рускиот се планира во што поскорешната изградба на Трансатлантскиот гасовод, преку Турција, Грција и Италија.
„Добивме потврда дека работат според распоредот и сакаат до 2019 да го доведат гасот од Касписко Море и до Европската граница. Сакаат да помогнеме во координацијата со европските партнери на јужниот гасен коридор“, изјави Марош Шевчович, еврокомесар за енергетика.
Еврокомесарот Шевчовиќ додаде дека ќе предложи формирање на работна група на високо ниво за да се разграничат приоритетите. Русија не учествуваше на состанокот, се откажа во последен момент, соопшти дека проектот го напушта пред се за да ги избегне натамошните проблеми со транзитот преку Украина. Наместо тоа, ќе инвестира во изградбата на турско-рускиот гасовод што ќе заврши на крајбрежјето на Егејско Море, на границата со Грција.
„За време на посетата минатата недела г. Путин даде изјава која се однесува на Руската Федерација и на ЕУ членките, а не на нас. Турција е поврзана само со јужниот гасен коридор. Ако има нова област или проект во Тракија, нашите две земји имаат договор базиран на добра волја“, вели Танер Јилдиз, министер за енергетика на Турција.
Србија, која беше една од најзаинтересираните земји за изградбата на Јужен Поток ќе биде дополнително информирана. Во Белград веќе стигна одговор од Москва дека нејзините жители нема да останат без гас и може да и бидат надоместени загубите.
Ивана Салтировска
