Универзитетски професори: Реформата е во интерес на студентите
„Реформата е во итерес на студентите“ - со вакви пораки се огласија универзитетски професори. Велат дека државниот испит не е товар, туку добра можност за проверка на знаењето што треба да обезбеди квалитетни кадри во општеството...

Државниот испит не е товар за студентите- порака од Мирјана Кочова, професорка од Медицинскиот факултет, образовната институција каде што ваквиот тест на знаењето не е новина. Вели дека оваа проверка на знаењето е неопходна за докторите да се стекнат со лиценца и се спроведува во многу земји.
„Ние докторите имаме многу долги студии и многу долги евалуирања на нашите познавања, затоа што и после лекарите можат да работат под супервизија и т.н. Тоа е вообичаена пракса, ништо ново, и сметам дека ова е уште еден начин да се обноват знаењата и да се види што се научило“, изјави проф. д-р Мирјана Кочова.
Ваквиот став го делат и нејзини колеги од Филозофскиот факултет во Скопје.
„Гледаме дека стопанството бара кадри кои веднаш би се вклучиле во работниот процес, значи живтот бара поинакви форми на образование, гледаме дека науката, технологијата, сето тоа се одвива со една драматична динамика, и затоа промените треба да се сватат во барање на решенија кои ќе донесат квалитет“, изјави универзитетскиот професор Пејковски.
„Потребни се реформи, но потребни се и дебати. Потребна е широка расправа за постоечкиот проблем. Таа дебата може да трае со месеци, но треба да се сослуша мислењето на сите релевантни фактори“, додава професорот Ајдински.
Верувам во реформа која има искрена и добра намера, и која се стреми да го подобри квалитетот во високото образование – вели професорот Александар Климовски од Правниот факултет. Според него, со тоа што институција за спроведување на државниот испит ќе биде Одборот за акредитација и евалуација, ќе се зачува автономијата на Универзитет, а тој продуцира кадри со квалитетно знаење.
И затоа, не го разбирам револтот и протестот на студентите, бидејќи оваа реформа е во нивен интерес. Од моја перспектива вели професорот Климовски , самиот студент мора да зграби што е можно повеќе знаење од она што ние како професори го нудиме. Преку тоа знаење тој во својата идна кариера ќе обезбеди подобра иднина за себе и за своите најблиски.
Поради тоа, смета универзитетскиот професор, не само што тие не би требало да се противат на проверка за тоа „колку зграбиле“ од знаењето, туку напротив оваа реформа треба да ја поддржат. Според Климовски реформите во образовниот систем не треба да се политизираат.
Навистина постои една група на млади граѓани кои протестираат, но сметам дека и на самите нив не им е јасно за што точно протестираат. Оваа конфузија во јавноста се појавува е неосновна од причина што институциите кои го подготвуваат законскиот текст истакнуваат дека истиот ќе биде отворен за дискусија со јавноста, каде секако се очекува дека ќе бидат вклучени и студенти.
Освен од Скопскиот, поддршка за реформата стигна и од Охридскиот универзитет Апостол Павле. Деканот Нинослав Марина смета дека државниот испит ќе донесе позитивни проемни. Академик Горазд Росоклија,пак, кој е светски признаен научник, вели дека ваков испит во Америка е пракса и тој е неопходен за проверка на знаењето на студентите.
Викторија Тодоровска
