Законот за спречување на нерегистрирани дејности ќе ја намали сивата економија

09.12.2014 18:29

Мајстор, домашна помошничка или чување дете само со лиценца. Ова го предвидува Законот за спречување на нерегистрирани дејности. Новите мерки ќе важат за правните субјекти и физичките лица кои не се регистрирани или ги немаат потребните лиценци и дозволи. Казните за непочитување- високи. Собраниска расправа на оваа тема...

Стоп за нелегалните бизниси, сивата економија и нелојалната конкуренција, поголема социјална сигурност за работниците. Во собраниска процедура влегува Законот за спречување и вршење на нелегална дејност. Оние кои нудат услуги и работат со голем обрт на пари ќе мора да се регистрираат.

„Го забранува вршењето на нерегистрираните дејности од поголем обем, каде практично работат поголем број на работници кои не се социјално осигурани и опслужуваат поголем број на потрошувачи“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Законот за спречување нелегални дејности не ги забранува семејната и соседската помош, како и услугите за домаќинствата. Но, граѓаните велат дека и досега внимавале кого ќе ангажираат за поправки во домот.

„Треба осигурување да има... Без лиценца не може да работи“, велат случајно анкетираните граѓани.

Во Македонија има околу 10 илјади стопански субјекти кои што се занимаваат со вршење на занаетчиска дејност. Од комората на занаетчии очекуваат со законот да се намали сивото работење во овој сектор.

„Очекуваме да се зголеми бројот на регистрирани занаетчии, бидејќи се предвидени казни“, вели Оливија Штерјова од Домот на занаетчии.

Лиценцирани треба да бидат и бебиситерките. Од сега за чување дете ќе треба да се има дозвола од Министерството за труд и социјална политика.

„Дадилките со лиценца се проверени, ние правиме лични интервјуа со нив, а од друга страна нивното кривично и родителско досие е проверено“, вели Сања Аризанков, сопственик на сервис за бебиситерки.

Досега санкциите беа ниски и ја стимулираа нелегалната економија. Со донесувањето на овој Закон најмногу бенефит ќе имаат работниците кои што се неосигурани. За непочитување казните ќе бидат високи.

 

Сунчица Николовска