Обама заработи федерална тужба за одлуката за легализација на илегалните мигранти
17 американски сојузни држави го тужат претседателот Барак Обама за одлуката да амнестира пет милиони илегални имигранти во САД. Компаниите коишто се надеваа дека со ова ќе го легализираат статусот на своите високообразовани вработени останаа надвор од одлуката на американскиот претседател...

Тексас и 16 американски сојузни држави поднесоа федерална тужба против одлуката на претседателот Барак Обама за легализација на 5 милиони илегални имигранти во Соединетите Американски Држави. Овие држави имаат најмногу проблеми со илегалците, па во тужбата го обвинуваат Обама дека ја прекршил уставната должност да ги спроведува законите и ставил дополнителни трошоци на федералниот буџет.
„Преземените мерки на претседателот се привремени и не се постојани одлуки за поправка на системот за имиграција. Многу компании сакаат да видат постојано решение за вработените, а не само привремена помош за илегалците“, изјави Алекс Неираста, експерт за имиграција во институтот „КАТО“.
Спротиставените ставови на Конгресот и претседателот Обама може да предизвикаат нова буџетска криза во Америка. Конгресмените изгласаа буџет за Хоумленд секјурити, федералната агенција која е задолжена за обезбедувањето на границите за само неколку месеци до март.
„Повеќето агенции кои ќе ја спроведуваат оваа програма за привремена легализација се финансирани од такси што ги плаќаат имигрантите за да им се среди документацијата за легален престој. Но, Владата може да го запре тоа лесно и брзо, исто така да го спречи и финасирањето на агенциите“, додава Неираста.
5 милиони илегални имигранти коишто добија амнестија и нема да бидат депортирани се главно работници, а не интелектуалци коишто ќе вложат и отворат нови работни места во САД, како што велат од Белата куќа.
Гугл и Макрософт не се заводолни од одлуката на американскиот претседател Барак Обама, бидејќи со легализација на 5-те милиони илегалци не се решава статусот на вработените во овие компании.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
