Зелен климатски фонд за помош на посиромашните нации

10.12.2014 12:04

Климатските промени се гледаат со голо око, веќе не се потребни научни докази. Земјите во светот се мобилизираа да им помогнат на посиромашните нации во справувањето со глобалното затоплување...

Светските влади, соочени со временски услови кои веќе не можат да ги негираат во името на индустријализацијата, ја вртат политиката за 360 степени. Со Зелен климатски фонд ќе им помагаат на посиромашните нации да го намалат својот јаглероден отпечаток. Најголемо изненадување на донаторската конференција беше Австралија, со чијашто донација беше надмината планираната сума.

„Премиерот Тони Абот ме замоли да објавам дека Австралија донира 200 милиони австралиски долари за Зелениот климатски фонд за наредните 4 години“, изјави Џули Бишоп, министерка за надворешни работи на Австралија.

„Ако ги погледнеме овие средства од почетокот на мобилизацијата пред 5 месеци, во моментов имаме над 10 милијарди долари донации. Ова значи дека Фондот заврте нова страница“, вели Ела Чеикруху, директор на Зелениот климатски фонд.

Конзервативната влада на Австралија, која важи за еден од најголемите загадувачи, до сега одбиваше да им се придружи на другите богати нации во донациите за фондот. Наместо тоа, им помагаше само на земјите од Пацификот загрозени од растечкото ниво на морињата.

САД ветија донација од 3 милијарди долари, а Јапонија 1,5 милијарда. Целта на Зелениот климатски фонд, поддржан од Обединетите нации е да им помогне на нациите во развој да ги намалат емисиите на јаглероден диоксид и да се справат со климатските последици. Исто така треба да има голема улога во обезбедувањето нов климатски договор на конференцијата на Обединетите нации во Париз.

 

Ивана Салтировска