Нови вработувања за деца без родители

10.12.2014 12:27

Министерот Спасов ги повика сите заинтересирани лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа, и коишто ги исполнуваат условите и критериумите наведени во огласот, да аплицираат во наредните 20 дена ...

Денес ќе биде објавен јавен оглас  за вработување на 30 лица во рамки на програмата  Д 10. Оваа програма е конкретен чекор и проект за подобрување на состојбата и квалитетот на живеење за лицата кои до 18 годишна возраст имале статус на дете без родители и без родителска грижа, соопшти денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Министерот Спасов ги повика сите заинтересирани лица кои до 18 годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа, и коишто ги исполнуваат условите и критериумите наведени во огласот, да аплицираат во наредните 20 дена за добивање на соодветен работен ангажман во зависност од нивните квалификации.

„Подршката на државата за овие лица е континуирана и сеопфатна, почнувајќи од периодот на детството па се до вклучувањето на пазарот и трудот и вработувањето. Обезбедувањето на лична егзистенција преку вработување и интегрирање во општествениот живот е најважен чекор за овие лица. Како министерство, го потикнуваме нивното директно вклучување на пазарот на трудот. Во оваа смисла клучен е проектот Д 10, којшто е насочен за вработување на децата без родители и родителска грижа, односни лицата кои имале таков статус до 18 години за вработување во државната и во јавната администрација“, истакна Спасов.

Преку оваа програма во 2013 година се вработиле вкупно 83 лица коишто имале статус на деца без родители и родителска грижа до 18 години во јавната администрација.