Нови германски компании ја пикираат Македонија!
Инвестициските можности во Франкфурт претставени пред 30-тина моќни компании. Слушнаа за поволностите за правење бизнис во земјава. Дел од нив најавија нови инвестиции. Германската компанија од автомобилскиот сектор веќе ја скенира Македонија...

Македонија е атрактивна бизнис - дестинација за германските инвеститори. Повеќе компании сакаат со својот капитал да влезат во земјава. Дел од нив се пред носење на финалната одлука.
„Ние во септември ја посетивме Македонија и на лице место се уверивме во поволностите за инвестирање, за кои се говореше на презентацијата. Разгледавме повеќе фабрики изградени од странски инвеститори, а и ние ќе го следиме овој пример. Многу е веројатно да отвориме фабрика, која во почетокот би била браунфилд, а потоа гринфилд инвестиција. Во јануари повторно ќе дојдеме во Македонија“, изјави Инес Андра, Акомпласт.
На бизнис – форумот во Франкфурт, германските бизнисмени добија уверување дека во Македонија ќе наидат на пријателска и бизнис ориентирана Влада.
„Ние сме Влада која е целосно посветена на економијата, на добрата бизнис - клима, на поттикнување на домашните и странските инвеститори да направат чекор напред, да вложуваат и да отворат нови работни места. Македонија е земја со најниски трошоци за правање бизнис во Европа, не само кога се во прашање даноците, туку генерално, сите трошови за правење бизнис“, нагласи премиерот Никола Груевски.
Како е да се инвестира во Македонија - раскажа менаџерот на германската ОДВ – Електрик.
„Поддршката од Владата и од локалните авторитети е подобра од било која друга земја. Сега сме сигурни дека инвестирањето во Македонија беше правилна одлука“, рече Лудвиг Батон, ОДВ - Електрик.
Заитересираните инвеститори добија уверување дека можат да сметаат на поддршката од ПроКредит банка, единствената германска банка во Македонија, која како странска директна инвестиција влезе пред 11 години.
„Ние сакаме да го споделиме нашето искуство од работењето во Македонија, да им го пренесеме на сите кои ги разгледуваат можностите за инвестирање. Ние на германските инвеститори можеме да им ги понудиме нашите финансиски услуги“, изјави Кристоф Фројтаг, ПроКредит Германија.
Приказната за Македонија, како атрактивна дестинација за инвестирање, полека станува препознатлива.
„Јас и пред да дојдам овде знаев дека Македонија има добра клима за инвестирање, за тоа сум читал во многу весници. Но, многу е важно да се слушне искуството на компаниите кои веќе инвестирале“, вели Хасан Кара, германска стопанска комора.
Македонија власти се оптимисти, бизнис – форумот во Франкфурт ќе резултира со нови инвестиции и отворање работни места.
„За прв пат ја отворивме можноста за инвестиции кои не би биле само во производството, каде што Македонија од аспект на трошоците е меѓу најатрактивните дестинации, туку и во делот на услужниот сектор. Ние концептот на слободни економски зони го проширивме на информатичките технологии, туризмот и здравството“, изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Германија е водечки трговски партнер на Македонија, а германските компании во нашата земја креираат повеќе од 13.000 работни места.
Мартин Пушевски
