Формирана собраниска лоби- група за права на лицата со посебни потреби

10.12.2014 16:30

Од октомври идната година законот ќе обврзува- секоја фирма со над 30 вработени да вработи и лице со посебни потреби...

Прва обврска за 5-тата собраниска лоби- група којашто треба да помогне во уривањето на физичките и ментални бариери за лицата со посебни потреби, според Василевски, како прв човек на Собраниското тело ќе биде да се утврди бројноста на оваа популација.  

„Треба да лобираме за да извлечеме еден официјален податок колку лица на број имаме во една точна рамка“, вели Сашо Василевски, претседател на интер- партиската парламентарната група. 

Засега според Кочовска се оперира само со податоците од Светската здравствена организација.

„Од 10 до 15 проценти на една популација припаѓаат на граѓаните со хендикеп“, вели Елена Кочовска, од организацијата Полио Плус.

Се менува свеста, се менуваат и законите. Според Бонева, најважно е примената на веќе  донесените правила.

„Некаде формално се спроведува законот, па се прават рампи, за пристапност, а тие се непристапни. Онаму каде што треба да се направи нешто- не се прави“, вели Силнава Бонева, пратеник на ВМРО- ДПМНЕ.

Од октомври идната година законот ќе обврзува- секоја фирма со над 30 вработени да вработи и лице со посебни потреби. За Поповска е исклучително важно распределбата да не биде механичка, без да се води сметка за индивидуалните квалитити.

„Да престане таа деградација на лицата со посебни потреби да се третираат исклучиво како лица за некоја техничка употреба со некој миноризирачки призвук“, смета Лилјана Поповска од ДОМ.

Законот ќе овозможи околу 5.000 вработувања на лица со посебни потреби, од кои 1.700 би биле во јавната администрација.

 

Виолета Димовска