Полицискиот „Чекан“ разби криминална група од Гостивар
Адвокати и извршители се вмешани во финансиски криминал. Давале лихва, а кога ја барале назад се заканувале. Приведени се 15 осомничени...

Полицискиот „Чекан“ удри по 19 члена криминална група која шест години тероризирала гостиварци. Давале пари под лихва со високи камати и правеле финансиски малверзации преку фиктивни договори.
Вмешани се четворица адвокати и извршител од Скопје. Во акцијата се приведени 15 осомничени, по четворица се трага, од нив двајца се во странство. „Лихварство“, „злосторничко здружување“, „изнуда“ и „перење пари“ се делата за кои се товарат.
„Мотивот на криминалната група бил стекнување на противправна имотна корист, а истата ја пуштале во легален платен промет, користејќи голем број сопствени фирми, банкарски сметки, вложувајќи во недвижности и превозни средства, како и давање незаконски позајмици на физички и на правни лица, притоа пресметувајќи високи лихварски камати, во износ од 8 до 20 проценти“, изјави Иво Котевски – помошник министер за односи со јавноста во МВР
Откако ги доведувале во неликвидна економска состојба оние на кои им позајмувале, им се заканувале и ги принудувале да склучат фиктивни нотарски и адвокатски договори. Потоа им ги присвојувале имотот и возилата со помош на извршител. Гостиварци се охрабрија да зборуваат за ваквите проблеми во нивниот град.
„Има лихварство, има се... Слушнав утрово дека апселе... Во секој случај оправдана е акцијата“, велат жители на Гостивар.
Полицијата обезбедила докази дека групата во легален промет во банките пуштила над 2 милиона евра и 54 илјади американски долари. Кеш пари и оружје се најдени и одземени при претресите.
Еден од осомничените стрелал во полицијата, но, бил совладан и приведен. Повредени нема.
Наташа Гркова-Петрушевска
