„Виножито“ за Денот на човековите права: Македонски зборуваат илјадници од Лерин до Солун

10.12.2014 17:02

Поради непочитувањето на човековите права во Грција, од „Виножито“ информираат дека се помалку Македонци го зборуват мајчиниот јазик, со што исчезнуваат културните вредности што само преку јазикот можат да се предаваат низ генерациите...

Непочитување на правото на само-определување, на правото на здружување и непризнавањето на мајчиниот јазик претставуваат само дел од притисоците низ кои што минуваат Македонците во една од најстарите членки на Европската Унија.

Мајчиниот јазик на илјадници луѓе не е признат. Македонски се зборува во Лерин, во Костур, во Воден, во Кукуш, во Серес и во многу региони од Солун. Сепак, стандардна практика на грчката држава е дека таков јазик не постои..., соопштуваат од партијата на Македонците во Грција Виножито по повод Денот на човековите права.

Поради непочитувањето на човековите права во Грција, од „Виножито“ информираат дека се помалку Македонци го зборуват мајчиниот јазик, со што исчезнуваат културните вредности што само преку јазикот можат да се предаваат низ генерациите.

На политичките бегалци, етнички Македонци, не им е дозволена репатријација. Некои се запишани на црните листи, се сметаат за непосакувани и не можат да влезат во Грција..., велат од Виножито со апел да се дозволи враќање на државјанствата на сите етнички Македонци, жртви на цивилната војна.

Од партијата потсетуваат и дека Грција повеќе од две децении не дозволува отворање на Домот на македонската култура во северна Грција, со што грубо го крши правото на здружување.

Истиот проблем го има и турското малцинство во земјата, па за двата случаи беа покренати постапки пред Европскиот суд за човекови права. Ова е нотирано и во извештај на Обединетите нации за непочитувањето на малцинските права во Грција.

 

Марија Котовска, постојан дописник на МРТ од Атина