Зимски туризам: Со поголема промоција македонските планини ќе станат хит
Засилена промоција и реконструкција на постојните зимски капацитети се потребни за македонските планини да станат хит за домашните и за странските туристи. За сега, одличната релјефна структура туристите ја користат најмногу за викенд...

Планините во Македонија нудат идеална клима за зимски одмор, но потребни се вложувања. Зимскиот туризам треба да се прилагоди на новите барања велат туристичките работници. Спасот за Маврово, Попова Шапка, Пелистер, го гледаат во вештачки снег и изградбата на нови содржини.
„Ако имаме една подобра кампања за Маврово, илјада легла пополнети во зимскиот период можат да дадат придонес, не само во хотелите, туку воопшто на економијата на земјата“, вели Нехар Селими, сопственик на туристичка агенција.
Во светот во моментов е хит авантуристичкиот туризам. Македонските планини и недопрените предели се повеќе стануваат атрактивни за странците со авантуристички дух. Потребна е само засилена промоција и реконструкција на постоечките зимски капацитети.
„Имаме голем потенцијал за којшто не треба многу да се работи. Тие постоечки домови, планинарски куќи, да се инвестира во нив, да се досредат“, изјави Владимир Донев, водич за екстремно скијање и алпинизам.
Македонците во последниве години за скијање ги избираат планините во соседството. Нашите зимски центри најмногу посетители имаат за викендите.
Македонија има 40 планински врвови повисоки од 2.000 метри. Македонските планини располагаат со одлична релјефна структура која е основа за скијање, за планинарство и за алпинизам.
Сунчица Николовска
