Истрагата ќе покаже што се случи пред тетовската и кумановската полиција
Истрагата треба да ги посочи сторителите и мотивите за вчерашните инциденти пред тетовската и кумановската полиција. Синоќа таму одекнаа експлозии. За среќа нема повредени. Трагите се вештачат за да биде појасно за какви експлозини направи се работи...

Сеуште трае истрагата и не се познати причинителите на двете детонации кои синоќа одекнаа крај полициските станици во Тетово и Куманово помеѓу 20 и 20:30 часот.
По увидот утврдено е дека детонацијата пред тетовската полиција е од непозната експлозивна направа. Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека не се работи за бомба, како што првично објавија некои медиуми.
Експлозијата се случила крај оградата пред објектот на Секторот за внатрешни работи – Тетово.
Жителите на населбата околу тетовската полиција не сакаа да зборуваат за инцидентот. Само еден од нив ни раскажа што слушнал.
„Детонацијата не ја слушнав овде, туку бев дома, пред влезот. Страшно беше. Беше многу силна експлозија“, раскажува жител на Тетово.
Во инцидентот нема повредени и нема позначителна метријална штета. Извршен е увид, а од местото се подигнати траги за вештачење. Истрагата треба да ги посочи сторителите и мотивите за инцидентот.
Зоран Јованоски
