Време е за македонско дерби во Сеха
Во јужноевропската лига ова е девета пресметка на лутите ривали, двократниот шампион Вардар води со 4-2 со два нерешени исхода. И ова како и претходните престижни дуели на двете наши најдобри екипи во последната деценија има свои специфики...

Вардар – Металург трет пат оваа сезона во големото ракометно дерби. Овој пат во Сеха лигата, откако ривалството продолжи во Струга, каде што на отворањето славеа металурзите а црвено-црните возвратија во регионалната конкуренција за 1-1 во победи и 46-46 во голови.
Во јужноевропската лига ова е девета пресметка на лутите ривали, двократниот шампион Вардар води со 4-2 со два нерешени исхода. И ова како и претходните престижни дуели на двете наши најдобри екипи во последната деценија има свои специфики.
Доаѓа во еден чувствителен момент и за ракометарите и за тренерите и за селекторите, пред почетокот на подготовките за Мундијалот во Катар. И во двата табора има повредени играчи што е пред се резултат на пеколниот ритам на два фронта.
Повредените Јоновски и Нелоски најверојатно нема да бидат во составот, неизвесен е и настапот на Вугринец, додека добра вест за Червар е тоа што Мојсоски и покрај скршеницата на носот ќе биде на располагање.
И Гонзалес се соочува со исти проблемиоткако на Петриќ, Лацковиќ и Лазаров им се приклучи и плејмејкерот Карачиќ.
Металург по клупските бури и нарушената атмосфера во клубот ги загуби шансите за европска пролет во Лигата на шампионите, додека Вардар веќе размислува за нова нокаут рунда во елитата.
Ако се суди според овој факт и според досегашниот ефект во Сеха лигата, можеби прв пат во историјата на овие дерби двобои блага предност добива црвено-црниот состав. Ќе го издржи ли овој товар фаворитот на хартија или пак металурзите ќе пронајдат дополнителна инспирација , ќе покажат 60-те минути кои ќе ги гледате во директен пренос од 20.15 часот вечерва на нашиот собраниски сервис.
