Можностите за инвестирање во Македонија претставени во Келн, најавена нова инвестиција

11.12.2014 11:01

Jас се надевам дека ќе успееме да финишираме годинава со нова германска компанија која претходно ни најави влез во земјава, но сеуште нема објавено, изјави премиерот Груевски...

Македонската владина делегација, предводена од претседателот на владата Никола Груевски, на бизнис форумите во Франкфурт и во Келн ги претстави можностите за инвестирање во земјава. Германските стопанственици задоволни, најавена е нова инвестиција во Македонија.

„Имавме и поединечни средби со некои од нив, некои веќе најавија дека ќе ја посетат Република Македонија. Со некои од нив веќе претходно имавме воспоставено контакт, а ова им беше дополнителна инјекција, која чувствуваме дека дополнителни им дава оправдување да ја изберат Македонија како следна бизнис дестинација“, изјави премиерот Груевски.

Груевски нагласи дека Македонија има добро искуство со германските компании. Во Кавадарци дојдоа Дрекселмајер, планираа 4.100, а веќе имаат 4.900 вработувања. Дојдоа Кромберт и Шуберт со 2.500 вработувања, сега гради Маркарт кај Велес, фабрика со 600-700 директни вработувања, ОДВ Електрик во Охрид веќе почна со регрутирање на кадри, а во април- мај планираат да започнат со градба на фабриката.

„Има и други заинтересирани, јас се надевам дека ќе успееме да финишираме годинава со нова германска компанија која претходно ни најави влез во земјава, но сеуште нема објавено, па очекуваме да објави. Повеќето од компаниите тука покажаа голем интерес и очекуваме да ја посетат набрзо Македонија“, изјави премиерот Груевски.