Агенцијата за катастар на недвижности доби сертификат за функционалност на информациски системи
Следен чекор е регистрирање на институцијата во системот за размена на податоци, по што Агенцијата за катастар на недвижности ќе може ефективно да користи системот и сервисите кои ги имаат изградено...

На Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија денеска и беше врачен Сертификатот за функционалност на информациските системи, со што стана петтата институција во земјата која се здоби со ваков сертификат. Тоа претставува чекор напред во модернизацијата и надградбата на целокупниот систем на оваа агенција, која секојдневно нуди услуги во интерес на граѓаните, соопштија од Министерството за информатичко општество и администрација.
Министерот Ивановски сертификатот му го врачи на директорот на катастарот, Славче Трпески, притоа истакнувајќи дека сертификацијата се состои од голем број контроли, кои произлегуваат од светските стандарди, како што е серијата ISO 27000.
„Условите за добивање сертификат се состојат од неколку компоненти: технички барања, барања кои се однесуваат на кадар со чија помош се одржува информацискиот систем, барања за оценка и управување со ризици, барања за доверливост на информациите и нивоата на пристап до нив, како и барања за следење и управување на инциденти поврзани со информациска безбедност“, рече министерот Ивановски.
Следен чекор е регистрирање на институцијата во системот за размена на податоци, по што Агенцијата за катастар на недвижности ќе може ефективно да користи системот и сервисите кои ги имаат изградено.
„Агенцијата за катастар на недвижности е државна институција која има еден од технички најкомплексните информациски системи поставени на клауд платформа, чии податоци се заштитени со највисоки стандарди од ниво на пристап до информации до следење и строга контрола на информациската безбедност и заштита од ризици. Ова е признание за нашата институција која над 50 % од севкупните услуги што ги нудиме ги работиме по електронски пат, со тенденција да се поврземе со сите институции“, изјави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.
Досега со ваков сертификат за функционалност на информацискиот систем се здобија Царинската Управа, Народната Банка на Република Македонија, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Фондот за здравствено осигурување.
