Перо реди победи, Атланта на чекор до првото место
Перо Антиќ за 13 минути на паркетот постигна 5 поени, по една тројка и за два поена за “јастребите“ кои со ефект 15 – 6 се израмнија на втората позиција во Источната конференција со Вашингтон

Кошаркарите на Атланта славеа убедливо со 95 : 79 во Филаделфија, со што ја остварија осмата победа во низа во НБА лигата. Перо Антиќ за 13 минути на паркетот постигна 5 поени, по една тројка и за два поена за “јастребите“ кои со ефект 15 – 6 се израмнија на втората позиција во Источната конференција со Вашингтон, зад лидерот Торонто со една победа повеќе. Со одлични игри продолжува и екипата од главниот град, по успехот во Орландо со 91 : 89 предводена од Џон Вол со 21 поен и 11 скокови.
Чекорот со водечките го одржува и Чикаго, со убедлива победа над Бруклин 105 : 80, благодарение на 23 поени на Дерик Роуз и 16 поени и исто толку освоени топки по обрачите на Пау Гасол. Во мечот на екипите кои се во долниот дел од табелата, Шарлот го совлада Бостон со 96 : 87.
Голден Стејт ја игра најдобрата сезона, победата над Хјустон 105 : 93 им е со 14 по ред за импресивен ефект од 19 – 2. Најдобрата екипа во НБА ги имаше расположените Томсон со 21 и Кари и Барнс со по 20 поени, со што го неутрализираа Харден кој постигна 34 поени. Шампионот Сан Антонио ја забележа 16 победа годинава, над Њујорк 109 : 95 во меч во кој се истакна резервистот Белинели со 22 поени. Далас се радуваше по 17 пат, иако го скрши отпорот на Њу Орлеанс во финишот за 112 : 107. Само петтата победа ја постигна Минесота со 90 : 82 против Портланд, кој пак го претрпе својот 5 пораз годинава. И конечно ЛА Клиперс се враќа со вредна победа од Индијанаполис 103 : 96, за нив 16 сезонава со која е на делба на 4 место на Западот.
